НА ФЕСТИВАЛ НА МАЛТА ПРОДОЛЖИВМЕ ДА ЈА ШИРИМЕ МАКЕДОНСКАТА МУЗИКА НИЗ СВЕТОТ, ВЕЛАТ ОД „КАФЕ ДЕ АНАТОЛИЈА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Продукциската куќа „Кафе де Анатолија“ настапи на фестивалот „Бумеранг“ на Малта. Од “Кафе де Анатолија” велат дека се среќни што запознале многу колеги од Европа, со кои разговарале за идна соработка.

„Фестивалот имаше три главни сцени и секоја нудеше различно музичко патување. Првиот ден настапија локални ѕвезди на електронската музика, а останатите два дена познати музичари од оваа област на Европа, како ‘Скинтс’ и Џош Винк. Музиката на ‘Кафе де Анатолија‘ се слушаше на сцената наречена ‘Грув темпл’. Фестивалот беше живописна прослава на музиката и културата и стана незаборавна прилика за наш натамошен успех“, велат од „Кафе де Анатолија“.

Настап на диџејот и продуцент Никола Илиев (Nickarth) на „Бумеранг“ (Фото: Фесјбук)

По соработката со домашни и странски диџеи и продуценти и по настапите низ целиот свет, продукциската куќа „Кафе де Анатолија“ стана меѓународно позната. Ја основаа Зоран Илиев, познат како Били Естебан и неговите деца Моника и Никола (Nickarth) во 2017. Името Били Естебан доаѓа од потеклото од виничкото село Истибања.

На фестивалот имало публиука од цела Европа (Фото: Фејсбук)

По пристигнувањето на Малта се сретнаа со Лук Гат, коосновач на фестивалот „Бумеранг“.

„Средбата беше спој на идеи и ентузијазам, бидејќи зборувавме за потенцијални соработки кои би можеле да донесат свежи и иновативни музички искуства на Малта, преку која ќе продолжиме да ја шириме македонската музика низ светот“, вели Били Естебан.

М. ЏАРОВСКА