Данкан од Холандија со песната „Аркада“ победи на Евровизија во Тел Авив, Израел, а Македонија со песната на Тамара Тодевска за првпат во историјата стигна до осмото место.
Ова е петта победа за Холандија на Евровизија.
Тамара со „Горда“ пееше осма по ред во финалето, а нејзини придружни вокали беа Антониа Гиговска, Александра Јанева и Васил Гарванлиев.
Македонија долго време беше прва на листата според бројот на гласовите од жиријата откако добивме по 12 поени од Австрија, Велика Британија, Албанија, Молдавија и Србија. Гласањето на жирото го заврши на второ место со само 2 поена зад Шведска. На крајот, откако доби скромни 53 бода од публиката, заврши на осмото место.
„Горда“ е дело на Роберт Билбилов, Лазар Цветковски и Дарко Димитров, автори на музиката и аранжманот , а текстот го напишаа Коста Петров и Сања Поповска. Спотот го режираше Чедо Поповски.
На финалето, кое се проценува дека го гледаа 200 милиони луѓе, настапи поп кралицата Мадона, но тој беше оценет како срамен и разочарувачки. Таа ги изведе класикот „Како молитва“, во чест на 30-годишнината од излегувањето на истоимениот албум и новиот сингл „Иднина“ со американскиот рапер Кваво, во придружба на 35-член хор.
„Сите вие сте победници. Мора да го заслужите местото каде што сте сега“, им рече таа на учесниците.
„Верувајте во моќта на музиката“, рече Мадона и ги повика учесниците со неа да ги испејат стиховите од нејзината песна „Музиката ги тера луѓето да се зближат“.