„Ептен љубовна“ е новата песна на Игор Џамбазов со Сара Мејс и „The Girlzz“. Џамбазов ги напиша музиката и текстот, а ја пее заедно со Сара Мејс и вокалниот состав „The Girlzz“, составен од Калина Велковска, Ана Петановска и Теа Богатинова.
Аранжманот е на Игор Атанасовски познат како Гуру Харе, а вокалниот аранжман за пејачките е на Теа Богатинова. Спотот е снимен на неколку места во Скопје, а го режираше Борјан Стојков.
„Песната ја пишував во етапи. Пишувана е за неколку жени. Една вистинска, една лажна и неколку замислени. Затоа и се вика ‘Ептен љубовна‘, многу љубов е вложено во неа“, рече Џамбазов.
Тој и Гуру Харе неодамна се вратија од Канада, каде што одржаа концерт на македонските иселеници во Торонто. Сара Мејс, Теа Богатинова, Калина Велковска, Полина Тасева и Ана Петановска заедно со Камерниот оркестар на Битола лани одржаа претпразничен концерт со новогодишни и божиќни песни во Филхармонијата.