Младата поп-пејачка Марија Спасовска вчера (16 април) промовираше дел од новиот албум „Седатив“, кој треба да излезе во јули. На претпромоција за медиумите слушнавме четири песни, за кои Спасовска ги напиша музиката и текстот, а аранжманите се на Никола Мицевски и Иван Јованов-Ивајо.
Спасовска рече дека албумот е личен и инспириран од вистински ситуации и зборови кои ги слушала низ животот. Беа промовирани песните „Седатив“, „Скопје го сакам ради тебе“, која е дует со Давид Темелков, „Јас би те љубела“ и „Сѐ почнува од почеток“.
„Многу од песните се реални зборови што ми беа кажани лично и така си ја собрав датотеката на стихови и музика, земав по некое искуство од животот. Имам 20 години, но создадов некоја интересна приказна во глава и целиот албум навистина има една мисла, тоа може да се забележи во песните“, рече Спасовска.
Водителот Ване Маркоски најави дека останатите четири песни, како и видеоспотовите, ќе бидат објавувани на секои 15 дена преку онлајн платформите на Марија Спасовска. По слушањето на секоја од песните, младата пејачка, која студира на Универзитетот „Јорк“ во Солун, доби голем аплауз и коментари од гостите.

Една од највпечатливите приказни е создавањето на една од песните, која настанала во воз.
„Се враќав со воз од Грција, ја направив песната во воз и кога стасав дома на клавир, од првиот акорд што го притиснав излезе песната. За три минути ја направив и си реков дека песната е најубавата што во животот сум ја направила. И баш е за двајца кои не се во Скопје. И нашиот Давид Темелков не е во Скопје, па апсолутно се вклопи целосно во визијата на песната“, рече Марија Спасовска.
Продуцентот Никола Мицевски кажа дека младата пејачка е многу посветена во процесот на пишување песни.
„Марија ми праќа 50 песни и треба да ги слушнам и додека ги слушам тие 50, ми пушта уште 50 други, но на крајот лесно доаѓаме до вистинскиот избор“, рече Мицевски.
Тој го оцени дуетот со Темелков како една од најзрелите песни на Спасовска.
„Немам многу што да кажам освен дека песната ја почувствував како своја. Кога ја слушнав првпат, ми влезе под кожа. Мило ми е што сум дел од овој проект на Марија. Мислам дека Скопје доби една прекрасна песна која ќе остане“, рече Темелков.
Продуцентот Иван Јованов кажа оти се надева дека Марија ќе продолжи да доаѓа во неговото студио подготвена. Во Солун каде што живее, таа има свое мало музичко студио каде ги снима демо верзиите.
„Најдов многу убав баланс во животот, социјалниот живот да ми биде во Солун, студирањето и сè она што е дел од нормалното секојдневие на 20-годишна девојка е таму. Кога се враќам тука, времето е секогаш посветено на музиката. Сепак, образованието ми е сè уште приоритет“, рече младата пејачка.
М. ЏАРОВСКА