Со префинета програма беа одбележани 30 години дипломатски односи помеѓу Македонија и Италија, објави италијанското списание за култура „Ла Платеа“ за концертот на тенорот Благој Нацоски на 12 август, кого го нарекува ѕвезда на вечерта.
Концертот „Ноти како мостови“ се одржа на негова иницијатива во Сан Квирино ди Порденоне, а настапи и сопранот Паола Кампоново, во пијано придружба на Алфредо Блесано.
Публиката, како што вели Нацоски, имаше можност да го чуе македонскиот јазик преку стиховите на Блаже Конески, Ацо Шопов и Славко Јаневски, музиката на Тодор Скаловски, Благој Цанев, Трајко Прокопиев, Дарија Андовска, Дино Имери и Андреј Наунов, како и „Свитата Македонија“ создадена од Алесандро Д’Агостини.
„Тенорот, кој е многу активен на националната и меѓународната сцена, уште еднаш покажа глас со многу цврст центар, полн со бои и нијанси, сигурни високи тонови, многу долг воздух и моќен волумен, но, пред сѐ, покажа дека е чувствителен и префинет интерпретатор, способен да ги измеша со интензитет сензациите опишани во стиховите што ги отпеа. Уметник во служба на уметноста. Редок дар во време на претерана самореференцијалност, во кое приоритетите премногу често се губат“, стои, меѓу другото, во рецензијата.