НЕ ГО ЗАПОЗНАВМЕ ТОШЕ, А ДА ГО ЗНАЕВМЕ СИГУРНО ДЕКА ЌЕ СНИМЕВМЕ НЕШТО ЗАЕДНО, РЕКОА „ФРАЈЛЕ“ НА КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Весел концерт одржа женското трио „Фрајле“ од Нови Сад, сношти во Филхармонијата. Пеејќи песни од нивната Војводина, нивни авторски песни, македонски народни песни и поп-хитови, Јелена Буча, Наташа Михајловиќ и Невена Буча ја разиграа публиката.

Највпечатлива беше изведбата на нивната верзија на „Јовано Јованке“, која ја пеат насекаде низ регионот, а беше своевидно шоу од шест минути. „Би сакале да останеме тука, а можеби ќе се најде и некој Македонец за нас, па ќе се омажиме“, рече Наташа Михајловиќ.

„Фрајле“ годинава слават 15 години, пред две недели излезе нивниот осми студиски албум, но една од најдрагите песни им е првата со рефрен и наслов на германски, „Те сакам“ (Ich Liebe Dich). Во редовниот репертоар им е и „Во коси да ти спијам“ од Тоше Проески. „Никогаш не го запознавме Тоше, но да го знаевме сигурно дека ќе имавме снимено нешто заедно досега“, рекоа „Фрајле“.

Трио од Нови Сад кое ги имитираше “Фрајле” го отвори концертот. Фото: К. Попов

Динамичноста во настапите, веселите песни и нивниот хумор со кој ги најавуваат го прават посебно и популарно ова трио кое е на мини турнеја низ Македонија. „Ако се обидат да ве скршат и да ве повредат, бидете силни и пејте, песната е лек за сите грижи“, порачаа девојките на крајот, со знаковен јазик. Една од членките, Јелена Буча има оштетен слух, слуша со помош на апарат, но тоа не ја спречува да пее.

Концертот заврши со бис и „Чукни во дрво“. Нетипично и оригинално, „Фрајле“ не си заминаа први од сцената, туку тие  ја испраќаа публиката дома, поздравувајќи се со нив. Уште еден концерт во организација на продукција „Прагма“, тие ќе одржат вечерва во Филхармонијата, а утре се во Струмица.

М. ЏАРОВСКА