НОВА МУЗИКА ОД КРИС КОРНЕЛ ЌЕ БИДЕ ОБЈАВЕНА ГОДИНА И ПОЛ ПО НЕГОВАТА СМРТ

Њујорк, (АП)

Нова музика од Крис Корнел ќе биде објавена повеќе од една година од неговата трагична смрт.

Вдовицата на легендарниот гранџ музичар, Вики, стои зад новиот албум едноставно насловен „Крис Корнел“, а во исто време, на 16 ноември, ќе биде објавена и колекција од четири цедеа.

Првата песна од двата проекти се вика „Кога лошиот прави добро“ и Вики Корнел вели дека целиот материјал доаѓа од архивите на нејзиниот покоен сопруг.

Колекцијата ќе содржи и 11 досега необјавени песни. Во двата проекти се вклучени соло материјалот на Корнел и музиката што тој ја правеше со бендовите „Саундгарден“, „Аудиослејв“ и „Темпл оф д дог“.

„Овој албум е за неговите фанови и со него сакам да ги потсетам луѓето на сите аспекти на Крис: тој беше пријател, сопруг и татко, поет и уметник, иноватор кој не се плашеше да презема ризици“, изјави Вики Корнел.

Корнел (52) почина во мај минатата година и неговата смрт која го шокираше светот беше оценета како самоубиство.