НОВИОТ АЛБУМ НА ТОНИ ЗЕН Е ИНСПИРИРАН ОД ЛИЧНИТЕ ДУХОВНИ ИСКУСТВА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Тони Зен по подолга пауза се враќа на музичката сцена со својот шести албум, насловен „Од изворот на изборот“. Како независно издание, албумот е снимен во студиото „Knobs Keys ‘n Stuff“ заедно со Бојан Филиповски, а миксот и мастерингот ги правеше Мите Димовски во студиото „Тралала“.

Албумот е акустичен и мирен и сите осум песни се инспирирани од личните искуства на Петковски во изминатите пет години.

„Музиката на албумот е посветена на вистината, љубовта и просветлението и повеќето текстови се инспирирани од духовните практики и искуства, стекнати во Институтот за хармоничен развој на човекот. Спознавањето кој сум јас, средбите со мајсторот и созревањето низ духовната патека се апсолутната инспирација за создавањето на овој албум. Насловот ‘Од изворот на изборот‘ значи стекнување свесност, односно дека секој е одговорен за сопствените искуства, одлуки и избори во животот“, објаснува Тони Петковски.

Наскоро ќе бидат промовирани и два нови спота, а албумот ќе се најде во продажба од 23 мај.