ОСТАВЕТЕ ГИ МОБИЛНИТЕ ДОМА КОГА ОДИТЕ НА КОНЦЕРТ – НОВА КАМПАЊА НА ФИЛХАРМОНИЈАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески, ја најави новата концертна сезона под слоганот „Високи вибрации“, проследено со кампањата „Без мобилни“, која треба да ја зголеми свеста кај посетителите да не користат телефони за време на музичките настани.

Илиески, кој пред една година дојде на функцијата, е долгогодишен член на Оркестарот, работи и во симфонискиот оркестар ФАМЕС и во Биг бендот на Здружението на џез музичари на Македонија, а беше дел и од оркестарот Ноу бордерс, во кој членуваат најдобрите музичари од поранешните југословенски републики.

Директорот на Филхармонијата, Виктор Илиески (Фото: СМАРТ СДК.МК)
  • Речиси да нема културен настан на кој публиката не зборува или не слика со мобилните телефони. Како е планирано да тече кампањата „Без мобилни“?

„Идејата не е нова, но еве, дури сега решивме дека е вистински момент за тоа. Употребата на мобилните телефони стана неизоставен сегмент од животот на секој поединец и тие се користат секаде, дури и на концертите на класична музика. Разбирливо е да се користат на концерти на популарна музика, кадешто музиката е погласна од самите апарати, иако јас лично не сум ниту за тоа, бидејќи кога сте на концерт, треба да уживате во музиката, а не да ја ‘гледате‘, ‘слушате‘ и ‘доживувате‘ преку екраните на телефонот. Но, навистина е невкусно кога за време на концертите на клaсична музика, кога имаме мир и благосостојба, кога се одмораме од секојдневието, но и кога сме силно сконцентрирани на она што како естетика, филозофија и музика ни се нуди, тоа да се нарушува со звуците и блицевите на телефонот. Сметаме дека кампањата ‘Без мобилни‘, која е со подтекст ‘Без мобилни два часа‘ или ‘Оставете ги мобилните дома за време на концерт‘, ќе вроди со плод. Ќе се емитува и на социјалните мрежи како рекламен спот“.

  • Во повеќето институции има редари, кои ја предупредуваат публиката да не слика, но често тоа е залудно. Може ли да споделите искуство од вашите настапи во странските концертни сали?

„Токму со оваа кампања ќе се обидеме да направиме чекор напред кон освестување на публиката во оваа смисла. Во Македонската филхармонија се разбира дека има редари, но доколку тие постојано се движат меѓу публиката за време на концертите, ќе создадат немир, што исто така ќе се рефлектира во салата и уште поважно, на сцената. Имам искуство со странските сали. Некаде има спикер кој ја предупредува публиката да ги исклучи телефоните пред почетокот на концертот, некаде постои кампања каква што и ние ќе правиме, но главно и самата публика многу, навистина многу ретко можете да ја видите со мобилен телефон во рака за време на концерт на симфониска музика“.

  • И самиот сте уметник, како вам ви делува ѕвонењето и зборувањето среде концерт?Идејата за кампањата, всушност, тргна од другата страна, односно од оние кои се на сцената. Ним најмногу им пречат звуците што доаѓаат од салата, затоа што постои можност за деконцентрација, одвлекување на вниманието, а со тоа и за несоодветно претставување на делото што го изведуваат. Класичната музика е специфична и бара силна посветеност, огромна жртва и континуирана работа. Сето тоа може да исчезне во само еден миг ако заѕвони нечиј телефон. И да, не се само телефоните во прашање, туку генерално, и однесувањето на публиката е на пониско ниво од она во развиените европски центри. Ние почнуваме со мобилните телефони, па ќе видиме до каде ќе стасаме“.

Б. НЕСТОРОСКА