Хеви метал легендата Ози Озборн објави дека се повлекува од турнеите, велејќи дека е преслаб да настапува. Пејачот на „Блек Сабат“ им кажа на своите фанови дека тешко заздравува од повредата на ‘рбетот од 2019.
„Никогаш не сум можел да замислам дека моите концертни денови ќе завршат на ваков начин“, напиша тој на социјалните мрежи.
Седумдесет и четиригодишниот Озборн се повреди при пад пред четири години, што, пак, му ги влоши повредите здобиени во несреќа во 2003.
„Мојот глас е во ред. Сепак, по три операции, третмани со матични клетки, бескрајни сесии на физикална терапија и еден најнов револуционерен третман, моето тело и натаму е физички слабо“, кажа Озборн.
Тој притоа ги откажа сите најавени концерти од прошталната европска турнеја, кои требаше да продолжат во мај.
Озборн се соочи со низа здравствени проблеми во изминатите години, вклучувајќи ја и Паркинсоновата болест, додека истовремено продолжи да снима албуми.
(Фото: Гети)