ПЕЕВ НА МИКРОФОНОТ НА ЕЈМИ ВАЈНХАУС И ГИ ВИДОВ ИНСТРУМЕНТИТЕ НА „БИТЛС“, ВЕЛИ ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ, КОЈ СНИМА АЛБУМ ВО ЛОНДОН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Влатко Стефановски го снима новиот албум во Лондон, во познатото музичко студио „Аби роуд“. Виртуозот на гитара ќе ја памети годината во која одбележува 50 години музичка кариера и по распродадениот настап во клубот „Дингвалс 2“ во лондонскиот кварт Камден на 20 октомври.

Во лондонското студио, Стефановски со Јан Стефановски на тапани и Тихомир Хојсак на контрабас сними 22 песни, меѓу кои и една од „Битлс“ („Where My Guitar Gently Weeps“). Песната е избрана како посвета на четворката од Ливерпул.

„Нашето лондонско искуство полека се заокружува. Имавме пет магични денови. Во култното студио ги посетивме сите ходници, ги видовме сите инструменти и, да кажам, светите места каде што работеа ‘Битлс’. Во ‘Аби роуд студио 3’ пеев на микрофонот на кој своевремено пееше Ејми Вајнхаус. Огромна мотивација е да се снима на вакво место, а исто така е ретко искуство. Успеавме да снимиме 22 песни за два дена, Јан на тапани, Хојсак на контрабас и јас на гитара. Тон мајстор беше Горан Мартинац“, рече Стефановски и додаде:

„На крајот, сè заврши еуфорично, па ги прославивме трудот и енергијата што ги оставивме во студиото во кантина каде што седеле ‘Битлс’ и многу други музичари“.

„Публиката пееше во еден глас со нас, беше извонредно и магично“; вели Стефановски по настапот во клубот „Дингвалс 2“ во Лондон (Фото: З. Веселиновиќ)

За концертот во лондонскиот клуб, тој вели дека бил незаборавен.
„Публиката пееше во еден глас со нас. Беше извонредно и магично. Дома се враќаме изморени, но крајно задоволни и благодарни на тимот на ‘Кроација рекордс’ што ни го овозможи ова музичко патување”, додаде Стефановски.

Тимот на „Кроација рекордс“ сними делови од работата на албумот и од концертната атмосфера.

Стефановски последниве години најчесто настапува со синот Јан на тапани и со Иван Кукиќ на бас гитара под името „Влатко Стефановски трио“. Има снимено повеќе од 15 самостојни албуми, автор е на музиката за три современи балети и 17 играни филмови.

Во рамките на славењето на 50 години кариера, Стефановски на 14 декември ќе има концерт во салата „Јане Сандански“ во Скопје, на 16 декември во Белград, а на 18 декември во Загреб.

М. ЏАРОВСКА