ПЕСНАТА „ХЕРОИНА“ ДОЈДЕ ОД МОЈАТА ЖИВОТНА ПРИКАЗНА, ОД ДЕТСТВОТО И СЕГАШНОСТА, ВЕЛИ САРА МЕЈС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Поп-пејачката и харфистка во Операта Сара Мејс е сценарист на својот нов спот за песната „Хероина“, која, како што вели, им ја посвети на сите жени кои не се откажуваат од борбата.

Во спотот учествуваат педесетина статисти. Меѓу нив, освен Сара Мејс со ќерка си Илина, се пејачките Лидија Кочовска и Тамара Тодевска со нејзините деца, виолинистката Ана Кондратенко, режисерката Тамара Котевска, актерките Наталија Теодосиева и Емра Куртишова, Атиџе Муратова и други.

„Непланирано дојде оваа песна, сама си се излеа некако. Не сум размислувала никогаш дека треба да имам ваква песна, просто музата тропна на врата. Доаѓа од она што сум го почувствувала и сфатила досега во мојава животна приказна, и детството и сегашноста. Сум имала падови и во детството и денес, битки има постојано, а најголемите битки се оние кои ги водиме со самите себе. Најважно е да ги решаваме, да продолжиме понатаму, колку и да ни е тешко понекогаш. Тоа нѐ прави посилни, тоа нѐ прави хероини“, вели Сара Мејс.

Таа е автор на музиката и текстот на песната, а аранжманот и продукцијата се на Роберт Билбилов. Режисер на спотот е Томислав Живковиќ. Пејачката вели дека нејзината хероина е секоја жена или девојка која не се откажува од борбата.

„Онаа која продолжува понатаму и не престанува да дава сѐ од себе. Не онаа која е безгрешна, не онаа која е ‘успешна’, не онаа која е ‘дотерана’, не онаа која е ‘вечна жртва зашто сите други се виновни’. Онаа која и покрај сѐ, става насмевка повторно, онаа која наоѓа зрак светлина колку и да е темно, онаа која го бара решението во себе, а не во другите, онаа која се фаќа за зракот светлина и сурфа со него дури и кога е темно низ брановите на патешествието наречено живот“, раскажува пејачката за новиот сингл.

Во спотот се појавуваат и архивски снимки од легендата на македонската народна музика Вања Лазарова и од оперската дива Ана Дурловски.

М. ЏАРОВСКА