МИА ДИМШИЌ, ХРВАТСКАТА ТЕЈЛОР СВИФТ, СНИМИ ПЕСНА СО ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ПРОТИВ КОНФОРМИЗМОТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Поп-пејачката Миа Димшиќ (32) од Осиек, која ја нарекуваат хрватската Тејлор Свифт, заедно со Влатко Стефановски во Скопје го сними спотот за песната „Општествени правила“ (Друштвена правила). Младата пејачка вели дека оваа песна е нејзин бунт против конформизот.

„Со Влатко се запознав на едно доделување награди во Загреб минатата година, каде што и двајцата настапувавме. Тој тогаш ми рече дека ако имам некоја песна во која го гледам него, слободно да му се јавам. И еве, се случи песната ‘Општествени правила‘, во која тој совршено се вклопи“, ни рече хрватската пејачка за време на снимањето во Скопје.

„Главната инспирација за песната е дека во денешно време е многу тешко да си свој кога општеството ти кажува спротивно. Кога си свој и ја зборуваш вистината, наидуваш на критика и неодобрување. И тоа е всушност оној голем контраст кој беше инспирација“, вели Димшиќ и додава дека е среќна што за песната имала позитивни реакции, особено од колегите од Хрватска.

Кога била дете таа првпат дошла во Македонија како членка на културно-уметничко друштво.

Миа Димшиќ изминативе денови беше во Скопје и се сликаше со скулптурата на Горан Стефановски (Фото: Д. Бачиќ)

„Имавме размена на деца тогаш, играорци и пејачи од Македонија спиеја кај мене во Осиек, а јас кај нив во Скопје. Тогаш научив да ја пеам ‘Македонско девојче‘“, вели Димшиќ.

Таа е хрватска евровизиска претставничка во 2022, кога за Македонија настапи Андреа Коевска, за која Димшиќ вели дека многу ѝ се допаднала. По Евровизија, таа го снимила албумот „Монолог“ на англиски. Вели дека ѝ годи споредбата со Тејлор Свифт.

„Секоја споредба со неа ми е само комплимент. Требаше да одам на концерт во Виена, но, за жал, поради најавените напади, се откажа. Инаку, сонувам со мојата музика да го пропатувам светот“, ни рече Димшиќ.

За новата песна, на која гостува Влатко Стефановски, музиката и текстот ги напиша таа заедно со Вјекослав Димтер, Иван Пешут и Дамир Бачиќ, кој е нејзин продуцент. Песната и албумот се во издание на „Кроација рекордс“.

М. ЏАРОВСКА