ПЕСНАТА СЕ ВИКА „НАЛЕЈ“, НО НЕ ЈА ПРЕРАБОТИВ НАРОДНАТА, ТУКУ НАПИШАВ НОВА ЉУБОВНА ПРИКАЗНА, ВЕЛИ СЛАТКАРИСТИКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Марко Маринковиќ-Слаткаристика го промовираше новиот сингл „Налеј“. Хип-хоп музичарот вели дека ова не е преработка на македонската народна песна, но насловот е инспириран од неа.

„Од народната ‘Налеј’ земав еден дел од текстот, а музиката е сосема различна. Насловот е инспириран од познататa ‘Налеј’, но текстот, раскажува љубовна приказна помеѓу мене и мадам Мадлен. Ова е една нова, љубовна и модерна песна“, ни рече Слаткаристика.

За „Налеј“, тој сними спот во Солун. Самиот го напиша текстот за песната, а музиката со Иван Јованов.

По неколкумесечната успешна турнеја, со која прослави 15 години од првиот албум „Слаткаристика будало“, Слаткар на Илинден одржа концерт во Охрид. Во Скопје имаше три концерти, а потоа турнејата продолжи во Штип, Гевгелија, Куманово, Свети Николе, Струмица, Пробиштип, Битола и Дојран.

М. ЏАРОВСКА