Сања Тодоровиќ, Д Солушн, Мирјана Митрева, Тамара Волческа и Калина Александар се петмината дебитанти кои синоќа (25 октомври) на првата фестивалска вечер на Макфест во Штип, се пласираа за денешното (26 октомври) финале.
Тие заедно со уште неколку дебитанти кои се избор на жирито ќе настапат во конкуренција на повеќе музички звезди од Македонија, како што се, Дарио, Дани Димитровска, Антонија Гиговска, Елена Ристеска и Павле Камиловски кои прв пат настапуваат на Макфест, како и повеќе други музички имиња. Вкупно во двете вечери ќе бидат изведени 28 композиции.
Синоќешното шоу беше доверено на Адријана Јаневска и на Ѓоко Танески кои во свој стил ги испеаја сите поголеми хитови кои произглегоа во досегашните 38. изданија на Макфест.
Општина Штип како организатор на фестивалот е задоволна што Макфест заедно со годинашниве мелодии на 39. фестивал има продукција од околу 1.500 композиции што претставува огромно културно и музичко богатство за македонската музичка сцена.
Македонската радиотелевизија (МРТВ) и вечерва ќе врши директен пренос од Макфест од 20:30 часот, а водители се Димитар Атанасовски и Маријана Станојковска.
Исто како и лани нема да има прогласување на најдобри, туку на јубилејното 40 издание на Мкафест ќе биде прогласена медиумски најслушната мелодија меѓу двата фестивала. Годинава за најслушана е прогласена песната „Сафир“ испеана лани во дует од Таско и Малена.
Т. ЈОВАНОВСКИ