ПО 27 ГОДИНИ ЈА ПЕЕВ „КАЛЕШ БРЕ АНЃО“ СО ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ВО ЗАГРЕБ И ИМАШЕ БУРА ОД АПЛАУЗИ, ВЕЛИ КАЛИОПИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

По 27 години, Калиопи и Влатко Стефановски настапија заедно, на нејзиниот концерт во салата „Ватрослав Лисински“ во Загреб. Калиопи вели дека додека Стефановски ја свирел, а таа ја пеела македонската народна песна „Калеш бре Анѓо“, во салата имало ерупција од емоции.

„Неверојатно е она што се случи, кога на големо изненадување на публиката, Влатко се качи на сцената и ја изведовме ‘Калеш бре Анѓо’. Последен пат Влатко и јас заедно сме настапиле во декември 1988, на нашиот последен концерт со групата ‘Калиопи’ во Универзална сала, пред да заминеме за Швајцарија со Ромео. Влатко ни гостуваше на тој концерт и ја изведовме ‘Калеш бре Анѓо’. Ова сега се повтори по 27 години, во Загреб. Реакциите на публиката беа неверојатни, ерупција од емоции, ерупција од аплаузи. И уште еднаш направивме уживање за нас и за публиката“, ни рече Калиопи.

Таа вели дека 5 април 2025 ќе го памети долго, затоа што во Загреб биле пречекани на начин на кој воопшто не очекувале.

„По толку настапи во Загреб и Хрватска, сметам дека ова е круната на сѐ досегашно мое во Хрватска. Посебна енергија, посебна атмосфера, пред сѐ, затоа што салата ‘Ватрослав Лисински’ е престиж за секој музичар. Она што публиката ни го даде беше врвот на целата ноќ. Моите музичари свиреа како никогаш досега, јас сум пресреќна и прегорда на сите нив“, вели Калиопи и додава дека овој концерт навестува многу други во Хрватска и во регионот.

Калиопи и Жељко Самарџиќ (Фото: З. Црњак)

Од Загреб, таа замина во Швајцарија за да работи на нови песни во студиото на Ромео Грил, нејзиниот продуцент и поранешен сопруг.

„Опиена од целата атмосфера, моментално сум во Швајцарија, каде што веќе работиме на нови песни. Ќе го искористам времето и за малку одмор по овие прекрасни концерти и ќе договараме со што понатаму ќе ја изненадуваме публиката“, ни рече Калиопи.

Таа му беше гостинка на Жељко Самарџиќ на неговиот концерт во „Арената“ во Загреб на 14 март, а потоа тој ѝ беше гостин на концертот на 5 април, како и на ланскиот скопски концерт во салата „Борис Трајковски“.

M. ЏАРОВСКА