ПО ОДЛИЧНИТЕ КРИТИКИ ЗА НАСТАПИТЕ ВО ХРВАТСКА, ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ СО КОНЦЕРТ ВО ОХРИД НА 26 ЈУЛИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Влатко Стефановски со своето трио ќе одржи концерт во Охрид, на Антички театар на 26 јули од 21 часот, во рамките на „Охридско лето“. Концертот е дел од неговата регионална турнеја со која слави 50 години на сцената.

„Концертот на Антички е дел од славеничките концерти. Ќе свириме со триото, а ќе имаме и гости, Дамир Имери и саксофонистот Горан Папаз“, вели Стефановски.

Во јуни, тој одржа два полни концерти во Филхармонијата во Скопје, заедно со гитаристот Мирослав Тадиќ кој живее во САД. Поводот беше реизданието на нивниот заеднички албум „Трета мајка“ кој „Авалон“ го објави на винил по 20 години. Одлични критики во хрватските медиуми има за концертот на Стефановски и Тадиќ кој се одржа во Кастав, во Хрватска на 15 јули. Гитарското дуо одржа концерт и во Шибеник на 16 јули.

„Нови лист“ го пофали концертот на Мирослав Тадиќ и Влатко Стефановски (Фото: Приватна архива)

„Ова беше единствена можност за сите оние со истенчен вкус да уживаат во изведбата, во која дојде до израз нивната гитарска способност. Финалниот резултат беше незаборавна вечер која само мајстори како Тадиќ и Стефановски можат да ја дадат“, се вели меѓудругото во текстот на „Нови лист“.

На почетокот од јули во Мала станица во Скопје се отвори изложбата со фотографии на Стефановски. Беа прикажани фотографиите од многуте негови настапи од времето на „Леб и сол“ до денес, како и студиски слики.

„Дома имам огромна архива од моите настапи во изминативе 50 години, ова е само пет проценти од сликите“, рече на изложбата гитаристот. На 14 декември тој ќе одржи концерт во салата „Јане Сандански“ во Скопје, на 16 декември во Белград, а на 18 декември во Загреб.

М. ЏАРОВСКА