ПОЧНУВА 37. СКОПСКИ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ, НА ПРВИОТ ДЕН ЌЕ ИМА И ХИП ХОП

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Британскиот пијанист Александер Хокинс вечерва во 20 часот го отвора 37. издание на Скопскиот џез фестивал, што ќе трае до недела.

Вкупно 12 концерти ќе можат да се проследат во четирите дена од фестивалот, што ќе се одржува во Македонската опера и балет (МОБ) и во Денсинг салата на Младински културен центар (МКЦ), каде на програмата ќе бидат полноќните свирки.

По Хокинс, на сцената во МОБ од 22 часот ќе може да се слушне необична мешавина од џез и хип хоп. За првиот дел ќе биде задолжен квартетот на саксофонистот Дејвид Мареј, кој ќе биде придружуван од култниот американски поет, рапер и раскажувач Сол Вилијамс.

Програмата на полноќ се сели во МКЦ, кадешто во тандем ќе настапат американскиот гитарист и пејач Арто Линдзи и норвешкиот тапанар Пал Нилсон-Лав. Нивната соработка трае од 2013 година и претставува фузија на ноиз, експериментален џез и бразилски ритми.