ПОЧНУВА ТАКСИРАТ 20, ДЕСЕТДНЕВЕН МАРАТОН ОД МУЗИЧКИ НАСТАНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Фестивалот Таксират преку цела година го одбележуваше своето јубилејно 20. издание, но она што следува во наредните десетина дена, ќе биде вистински маратон од (музички) настани.

Почнувајќи од вечерашниот настап на поранешниот фронтмен на „Забрањено пушење“ Неле Карајлиќ во Младински културен центар, негов прв во Скопје по две децении, Таксират во наредниот период ќе понуди повеќе од 50 концерти, што ќе кулминира на 8 декември, со главната вечер во ВИП арената „Борис Трајковски“.

Повеќе од 25 концерти, сите со бесплатен влез во МКЦ, ќе можат да се видат во рамките на ПИН-конференцијата, што ќе се одржува утре и в сабота. Тоа ќе бидат претставници на новата музичка сцена од десетина европски земји, покрај нашите Горан Трајковски, „Стринг форсис“, Егоритмија…

Таксират може да се пофали и со редок пример на распродаден концерт на македонски музичар, што му успеа на раперот Страјк, кој на 2 декември ќе го има првиот самостоен настап досега, а потоа следува уште еден настан кој предизвика толку голем интерес, што мораа да се закажат два. Станува збор за театарско-сценскиот перформанс на Рамбо Амадеус „Вечер на гломазна поезија“, што ќе се случува во кино Фросина на 3 и 4 декември.

Таксират ни го овозможува и првиот самостоен концерт на „Киборг“ (6 декември), ден подоцна е „Лузер фест“, а финалето е на 8 декември со „Терапи?“, „Нувел ваг“, „Пендулум“, „Мандо дијао“…

Г. КОНЕВ