ПОЧНУВААТ 42. ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКА МУЗИКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 20 часот, во Камерната сала на Филхармонијата ќе почне 42. издание на Деновите на македонска музика.

Отворањето е со концертот „Грац се среќава со Скопје“ на ансамблот „Цајтфлус“ од Австрија, под диригентство на Едо Мичиќ од Хрватска. Ќе се изведат дела од композитори од Австрија, Грција и Израел, како и од македонските автори Јана Андреевска и Панде Шахов, чие камерно дело „Лебдечка патека“ ќе ја има својата светска премиера.

„Уште од своето основање во 2003, ‘Цајтфлус’ се востановил како високо ценет ансамбл за нова музика. Јадрото музичари од Грац ги разоткрива фасцинантниот развој на современата музика и нејзината убавина, која за поголемиот дел од публиката е скриена. ‘Цајтфлус’ се истакнува и со изведби на дела од 20. век кои се, инаку, ретко изведувани“, велат организаторите на ДММ, Сојузот на композитори на Македонија.