ПОЛ МАКАРТНИ ЌЕ ОБЈАВИ НОВ АЛБУМ ШТО ГО СНИМИЛ САМ ЗА ВРЕМЕ НА КАРАНТИН

Лондон, (Би-Би-Си)

Пол Макартни ќе објави нов соло албум за кој вели дека го снимил спонтано за девет недели додека Велика Британија беше во карантин поради коронавирусот. Насловен „Макартни 3“, тој следува по „Макартни 1“ од 1970 и „Макартни 2“ од 1980 година, на кои исто така сам ги свири сите инструменти.

„Се зезав малку, во ниеден момент не помислив дека тоа ќе биде албум. Некои од песните се однесуваат на актуелната пандемија“, изјави бившиот член на „Битлс“.

Макартни вели дека неговиот оптимизам е инспириран од искуствата на неговите родители за време на нацистичкиот напад врз Ливерпул во Втората светска војна.

„Тие го преживеаја бомбардирањето и иако наоколу имало многу мртви, тие излегле од сето тоа со неверојатен дух. Затоа сакам да си кажам, ако можеле тие, можам и јас“, изјави 78-годишниот Макартни.

„Макартни 3“ ќе излезе на 11 декември.