Каролина Гочева одржа два полни концерта во петокот и во саботата во скопскиот клуб „Пјур“.
Поводот беше 1 март, како еден од нејзините хитови кој се вика „Први март“, а поп-ѕвездата на шега вели дека овој ден го чувствува како свој празник.
„Последниве години, повеќе пораки добивам на први март отколку на мојот роденден“, рече Каролина на почетокот.

Нејзините концерти се еднакво успешни и посетени и во поголеми сали и во клубови, и во помали сали и во поинтимна атмосфера, како Филхармонијата и Операта, каде што на крајот од 2022 и во почетокот на 2023 одржа седум концерти со Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски. Каролина ги има наполнето и „Борис Трајковски“ и некогашниот Скопски саем, и Универзалната сала и стадионот на АРМ, а сега има концерти во поголеми клубови. По Скопје, ќе пее во Гевгелија со репертоар од најголемите хитови. Тоа е специфичноста и една од причините за успехот на Каролина: не се појавува по секоја цена, а кога закажува концерти, брзо се распродаваат.

Весела, расположена и разиграна, поп-ѕвездата ги избра најубавите песни, од „Ќе биде сѐ во ред“, до „Ајде да летаме“, „Само за тебе“, дуетот со Врчак од 1990-тите, но и „Твоите бакнежи на моите бели кошули“ од Тоше Проески, која станува редовен дел од нејзината програма.
Каролина настапи со комплетен бенд и со придружните вокали Ана Костадиновска и Сара Пројковска. Еден од најубавите делови од концертот беше кога остана сама на сцената со Никола Мицевски, клавијатуристот и еден од нашите најуспешни композитори и продуценти, пеејќи ги баладите.
М. ЏАРОВСКА