РАКОМЕТАРИТЕ НА ВАРДАР ГО ПОМЕСТИЈА КОНЦЕРТОТ НА СТИНГ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Концертот на Стинг в недела ќе почне со половина час одложување поради можноста Вардар да игра во финалето на Лигата на шампионите во Келн.

Организаторот на концертот во арената „Тоше Проески“, „Авалон продукција“, објави дека добил дозвола за ова од менаџментот на Стинг, чиј настап, место во 21.30, ќе почне во 22 часот и ќе трае до полноќ. Претходно, од 20.30 часот, ќе свири триото на Влатко Стефановски.

„Менаџментот на Стинг покажа огромно разбирање за нашето барање, со желба да го споиме убавото со корисното. На ваков начин, сите оние кои дома би го гледале ракометниот пренос, би можеле на време да стигнат на концертот“, велат од „Авалон“.

Ракометарите на Вардар прво треба да се пласираат во неделното финале, кое се игра од 18 часот, за што задутре ќе треба да го победат гигантот Барселона, што им успеа пред две години.