РЕИЗДАДЕНИТЕ ПЛОЧИ ОД НОВИОТ БРАН СЕ ТОЛКУ БАРАНИ ШТО ГО ПЕЧАТИМЕ И ЧЕТВРТИОТ ТИРАЖ, ВЕЛИ НИКОЛА КНЕЖЕВИЌ ОД „КРОАЦИЈА РЕКОРДС“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Реиздавањето на некои од најзначајните албуми од југословенскиот Нов бран се покажа толкав хит што се печати и четврти тираж на плочите, вели музичкиот директор во „Кроација рекордс“, Никола Кнежевиќ. Тој е еден од авторите на документарниот филм „Нов бран – 40 години подоцна“, кој синоќа имаше македонска премиера во летното кино на Кинотеката.

Првите два тиража се распродадоа уште пред плочите да се најдат во продажба. Од третиот тираж се останати малку примероци, па моравме да го правиме и четвртиот тираж, кој ќе излезе во октомври годинава“, вели Кнежевиќ.

Оваа колекција ги содржи компилацијата „Пакет аранжман“, „Бистрији или тупљи човек бива кад…“ на „Шарло акробата“ и истоимените деби албуми на „Хаустор“ и „Електрични оргазам“.

Идејата за филмот и за повторното објавување на овие албуми произлезе од 40-годишнината од излегувањето на „Пакет аранжман“, кој обедини песни од „Шарло акробата“, „Електрични оргазам“ и „Идоли“ и не само што го дефинираше Новиот бран како урбано уметничко движење, туку ѝ даде сосема нова насока на југословенската рок сцена.

Интересот за албумот на ‘Шарло акробата‘ е толку голем што мислам дека сега ќе го надминеме неговиот оригинален тираж кога излезе во 1981 година. Мислам дека тогаш се продал во 3.000-4.000 примероци. Исто така, пријатно сме изненадени од интересот за првиот албум на ‘Хаустор‘, кој беше на врвот на листата на најпродавани албуми во Хрватска“, рече Кнежевиќ.

Кроација рекордс“ има во план да реиздаде уште неколку албуми од тоа време.

Следни албуми што повторно ќе ги издадеме се ‘Одбрана и последни денови‘ на ‘Идоли‘ и вториот албум на ‘Хаустор‘, ‘Третиот свет‘. Има уште некои планови, но моментално не можам да зборам за нив“, рече Кнежевиќ.

Г. КОНЕВ