Триесет композиции ќе бидат изведени на 34. издание на Макфест, кое започнува вечерва во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. Најдобрата од нив ќе биде наградена со 5.000 евра, второпласираната со 3.000 и третопласираната со 1.000 евра. Четирите технички награди ќе изнесуваат по 500 евра, со што вкупниот награден фонд за оваа година изнесува 11.000 евра.
Наградниот фонд и средствата за организација ги обезбеди Општина Штип, а Министерството за култура го помага фестивалот со еден милион денари.
„По 20 години, на Макфест се враќа Росана Сариќ-Тодоровска, ќе учествуваат и најзастапените автори Ристо Самарџиев, Григор Копров, Кристијан Габровски и Весна Малинкова, како и ‘пинковите ѕвезди‘ Марија Станојковиќ, Огнен Здравковски, Мартинијан Кириловски и Трајче Георгиев. Штип како град домаќин ќе се претстави со неколку имиња, меѓу кои и Роберт Поп Димитров со групата ‘Кентаур‘, а интересно ќе биде и дуото Александар Митевски и актерот Драган Спасов-Дац“, вели уметничкиот директор Владимир Дојчиновски-Дојчин.
Финалната вечер е в сабота.
Т. ЈОВАНОВСКИ