ВОЗДУХ Е ТЕМАТА НА СЕДМИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ ЗА МЛАДИ ЏИФОНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Седмото издание на филмскиот фестивал за млади Џифони Македонија ќе се одржи од 12 до 17 октомври на повеќе локации низ Скопје. На фестивалот ќе има филмови, креативни работилници, мастер-класови и креативни и едукативни активности, кои ќе вклучат околу 650 деца и млади од десет земји на возраст од 11 до 19 години.

„Главната тема на која ќе се фокусираат е заштита на животната средина, со посебен акцент на воздухот. Не помалку важни теми во повеќето филмови и активности ќе бидат и безбедноста на интернет и борбата против врсничко насилство. Учесниците, поделени по возрасни групи, во улога на жири ќе ги одберат најдобрите филмови за младата публика“, најавува фестивалот.

Освен деца од нашата земја, во жирито ќе учествуваат и 50-ина деца од странство, кои за време на фестивалот ќе бидат гости во домовите на своите другарчиња. Фестивалот ќе се отвори в сабота во 19 часот во кино Милениум со италијанскиот филм „Несовршено доба“.