СЕ РАДУВАМ НА ИДНИТЕ АЛБУМИ И КОНЦЕРТИ – ДИМИШКОВСКИ ЈА ДОБИ НАГРАДАТА ЗА НАЈДОБАР МЛАД ЏЕЗ МУЗИЧАР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Клавијатуристот Филип Димишковски вчера ја прими наградата Златен орикс, која ја доделува Скопскиот џез фестивал за најдобар млад џез музичар во земјава, во партнерство со „Катар ервејс“.

„Навистина ми е драго што ми е доделена оваа награда, како признание за целиот труд што досега го имам вложено во музиката. Благодарен сум за довербата и поддршката. Имам многу музички планови, авторски проекти, албуми и концерти и искрено се радувам во исчекување на моментот кога мојата музика ќе можам да ја презентирам на слушателите“, рече Димишковски на забавата во барот „Винил“.

Скопскиот џез фестивал почнува утре, ќе трае до 21 октомври, а на листата учесници се некогашниот фронтмен на „Соник јут“, Трстон Мур, данската саксофонистка Мете Расмусен, уникатниот женски вокален октет „Трондхејм воисис“ и Арто Линдзи.