СЕВЕРИНА ЈА НАПОЛНИ ТИТОВАТА УЛИЦА ВО САРАЕВО СО 55.000 ЛУЃЕ ОД ЦЕЛИОТ РЕГИОН, МЕЃУ НИВ И ОД МАКЕДОНИЈА

Сараево, (Аваз)

Педесет и пет илјади луѓе меѓу кои и гости од Македонија ја пречекаа Нова година во Сараево, со концерт на хрватската поп-ѕвезда Северина на улицата „Маршал Тито“, во народот позната како Титовата улица.

Северина меѓу своите песни го испеа и хитот на Кемал Монтено, „Сараево, љубов моја“ (Sarajevo ljubavi moja) и кажа дека цела вечер се чувствувала дека таа ѝ е придружен вокал на публиката. Пејачката ги поддржа студентите од Белград кои дошле да ја гледаат, а се заблагодари и на Македонците. Од Скопје се организираа тури за патување во Сараево за Нова година.

„Синоќешниот дочек беше новогодишниот центар на регионот, Европа и светот. Луѓето овде преживеаја војна, но нивните души секогаш простуваат. Се чувствував како студентката која војната ја спречи да дојде да студира во Сараево, но и како 12-годишно девојче кое синоќа ‘оглупаве од среќа’, затоа што пеев до Вечниот оган. Еј, вечни огнови кои никогаш не изгаснале, дури и кога паѓале гранати. И покрај споменикот на децата кои загинаа во тоа лудило. Дури 1601 од нив“, напиша на Инстаграм пејачката.

Титовата улица во Сараево води од Вечниот оган што е споменик на воените и цивилните жртви од Втората светска војна до новоизградениот Парк на убиените деца во опсадата на Сараево во 90-тите.

Полни беа улиците покрај Вечниот оган кој е споменик на воените и цивилните жртви од Втората светска војна во Сараево, и Паркот на убиените деца во опсадата на Сараево во 90-тите (Фото: С. Бабиќ)

„Синоќа имаше луѓе од Хрватска, мојот Сплит и Истра, Италија, Унгарија, Словенија, Црна Гора, Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија, Србија, меѓу нив и студенти од Белград, кои дојдоа директно од блокадите, кои не попуштаат. во борбата, на кои им се восхитуваме и кои се светилник за сите нас“, рече Северина.

Својата последна песна „Така е, сине мој“, таа им ја посвети на српските студенти кои протестираат и ги блокираат Универзитетите барајќи одговорност за смртта на 15 лица во Нови Сад откако на 1 ноември во 2024 падна настрешница на реновираната Железничка станица.

Студентите низ Србија ги блокираат Универзитетите и поставуваат блокади на улиците барајќи правда и одговорност за несреќата.

 

Фото: С. Бабиќ