Хип-хоп музичарот Марко Маринковиќ-Слаткаристика закажа и втор концерт во Скопје, на 22 март од 21 часот во „Евент центар“, откако се распродаде првиот кој ќе се одржи на 15 март.
Со слична фотографија како онаа од 2009 година, кога беше објавен албумот „Слаткаристика будало“, Маринковиќ ги најавува концертите „Хип-хоп еволуција“, со кои слави 15 години од неговото излегување. Пред 15 години, со колегите од хип-хоп сцената одржа концерт на тогашниот Скопски саем наречен „Хип-хоп револуција“. Салата беше полна и се бараше билет повеќе, а имаше публика од сите генереции, меѓу нив и родители дојдени со своите деца.
„Се подготвуваме со бендот, а специјални гости ќе ми бидат Тони Зен и ‘2 Бона’. Со Тони ја одбележавме претходната деценија, а со ‘2 Бона’ оваа“, вели Слаткаристика.
Билетите се продаваат преку мрежата на Мк тикетс. Пред две недели излезе неговиот нов сингл „Немир“.