СО ЕНТУЗИЈАЗАМ ГО ПОДГОТВУВАМ СКОПСКИОТ КОНЦЕРТ НА 9 МАЈ, ВЕЛИ ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ, КОЈ СЛАВИ 50 ГОДИНИ КАРИЕРА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Влатко Стефановски ќе слави 50 години кариера со концерт во Скопје на 9 мај во Филхармонијата, објави гитаристот на неговиот Инстаграм профил. Стефановски ни рече дека со радост и ентузијазам го подготвува скопскиот настан, откако распродаде концерти низ регионот, но и во Лондон и Виена.

„Размислувавме долго каде треба да се одржи скопскиот концерт и одлучивме дека Филхармонијата е сепак најсоодветен простор. Рано е сѐ уште да зборувам за гости, но би сакал да биде барем делумно како белградскиот концерт во Сава центар“, ни рече Стефановски.

Во Белград гости му беа Златан Стипишиќ Џибони и гитаристот Мирослав Тадиќ, покрај членовите на неговото трио, тапанарот Јан Стефановски и басистот Иван Кукиќ.

„Влатко Стефановски се појави пред спуштената завеса и го отвори концертот со познатата ‘Приспивна за Радмила М.‘, по што доби голем аплауз. Потоа му се придружи легендарниот гитарист Мирослав Тадиќ“, напиша во декември српскиот весник „Телеграф“, кој концертот го нарече вистинска магија.

Три дена по белградскиот концерт Стефановски ја воодушеви публиката во распродадената сала „Лисински“ во Загреб. Прославувајќи 50 години кариера, тој одржа концерт и во Осиек. Гостин му беше Раде Шербеџија, кој ја испеа македонската народна песна „Елено ќерко“.

„Драго ми е што и во Виена поминавме одлично, концертот беше распродаден. Сега со ентузијазам се подготвувам за концертот во Скопје“, вели Влатко Стефановски.

Прославата на половина век кариера тој ја почна во јули во Охрид со концерт во Античкиот театар во рамките на Охридско лето. Неговиот син Јан тогаш за првпат запеа пред публика.

Концертот во Скопје е во организација на „Мјузик тајм“.

М. ЏАРОВСКА

Фото: К. Попов