СО ГОДИНИ МЕ УБЕДУВАА ДА ПЕАМ НА МАКФЕСТ, СЕГА ПРИФАТИВ ЗА ПРВПАТ ПО 22 ГОДИНИ НА СЦЕНАТА, ВЕЛИ ЕЛЕНА РИСТЕСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Елена Ристеска за првпат во кариерата ќе настапи на фестивалот Макфест во Штип, на втората вечер на 26 октомври во Домот на културата „Ацо Шопов“. Фестивалот годинава се одржува по 39. пат.

„По 22 години на сцената, ова ќе биде мое прво учество на Макфест. Со години ме убедуваа и добивав понуди и конечно успеаја. Не сакам фестивали, не сум со натпреварувачки дух. Годинава, Макфест е ревијален, а јас промовирам нова песна, па затоа е прифатливо“, ни рече поп-пејачката.

Ристеска на Макфест ќе пее модерна песна на Александар Масевски.

„Ќе ја пеам песната ‘Ме боли за сѐ’. Масевски ја напиша. Продукцијата, музиката и аранжманот се негови, а текстот заеднички, мој и негов“, вели Елена Ристеска.

На Макфест по долго време ќе се вратат уште неколкумина познати пејачи, како Дарио и Дани Димитровска, а ќе настапи и Павле Камиловски, кој се занимава и со оперско пеење. На сцената во Штип ќе ги слушнеме и Димитар Андоновски, Антониа Гиговска, Полина Тасева, Ивона Јо, Тамара Волческа, Калина Велковска и други.

Првата вечер на 25 октомври ќе пеат младите пејачи, а жири комисија и публиката во салата ќе ги одберат најдобрите шестмина, кои ќе настапат и втората вечер, заедно со познатите поп-пејачи.

Организатор на фестивалот и годинава е Општина Штип, продуцент е Александар Арсовски, член на уметничкиот совет е Јован Јованов, а уметнички директор Роберт Саздов. Тој претходно рече дека годинава биле пријавени над 70 песни на конкурсот.

„Оваа година имаме повеќе песни од изминатите години. За споредба ќе ја споменам 2022, откако оваа постава почна да го работи Макфест, кога имаше помалку од 15 пријавени песни“, рече Саздов.

М. ЏАРОВСКА