СВЕТСКИ ПОЗНАТИОТ ПЕЈАЧ КУРТ ЕЛИНГ ЌЕ ИМА КОНЦЕРТ НА 15 МАЈ ВО СКОПЈЕ СО НАЦИОНАЛНИОТ ЏЕЗ ОРКЕСТАР

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Еден од најдобрите џез вокали на сите времиња, двократниот добитник на Греми награда, Курт Елинг ќе настапи во Скопје со Националниот џез оркестар (НЏЗ). Концертот, како што објавија од Џез оркестарот, е закажан на 15 мај во Македонскиот народен театар (МНТ) во 20 часот. Ќе диригира Џијан Емин.

Елинг, според „Њујорк тајмс“ е „извонредниот машки џез-вокал на нашето време“, а според „Вашингтон пост“: „Од средината на 1990-тите, ниту еден џез-пејач не бил толку смел, динамичен или интересен како Курт Елинг”, додека „Би-Би-Си артс“ оценува дека тој „… ја турка напред уметноста на џез пеењето, повеќе од било кој друг машки изведувач од неговата генерација“.

Елинг има вкупно десет номинации за Греми награди, од кои има освоено две награди за најдобар вокален џез албум.

Во текот на својата кариера соработува и снима со Вејн Шортер, Данило Перез, Дејвид Амрам, Ренди Бахман, Боб Белден, Џоан Бракин, Оскар Браун Џуниор, Џоди Кристијан, Били Корган, Орберт Дејвис, Џорџ Фримен, Бади Гај, Јон Хендрикс, Чарли Хантер, Боб Минцер, Бред Мелдау, Ли Ритенур, Џон Пицарели и Боб Шепард. Покрај неговиот бенд со кој најчесто настапува, Елинг бил и член на Квартетот на Бранфорд Марсалис.

„Доколку на првите албуми композициите повеќе наликуваат на класичните џез стандарди, звукот на Елинг во последните години добива димензија плус, внесувајќи екстраваганција во музичкиот израз и експериментирајќи со класичните џез музички форми“, велат од Џез оркестарот.
Билетите за концертот може да се набават онлајн или на билетарницата на МНТ.