ТАЈНА Е КАДЕ ЌЕ ПРЕСТОЈУВА СТИНГ ВО СКОПЈЕ, СИ НОСИ СОПСТВЕН ГОТВАЧ

Скопје, (САКАМДАКАЖАМ.МК)

Британската рок легенда ќе слета во Скопје околу 15 часот со приватен авион „Ембраер“ од Будимпешта за вечерашниот концерт во салата „Борис Трајковски“. Тој немал никакви специјална барања, бидејќи доаѓа со сопствени продукција, готвач и кетеринг.

Не е познато каде ќе биде сместен, бидејќи локацијата се чува во тајност. Нема да има прес-конференција пред концертот, закажан за 20 часот. Од вчера во Скопје е неговиот придружен бенд, а техничката екипа веќе е во салата, за тонските проби и местење на светла.

Концертот во „Борис Трајковски“ е дел од светската турнеја за последниот албум на Стинг „57-ма & 9-та“. Тој ќе настапи со своите долгогодишни соработници, гитаристите Доминик Милер и Руфус Милер, тапанарот Џош Фрис, а специјален гостин ќе биде неговиот син Џо Самнер.

Организаторот на концертот, „Авалон продукција“, соопшти дека вратите за фан пит секцијата се отвораат во 18.30 часот, а концертот почнува во 20 часот. Концертот беше распродаден за само 10 часа уште на 2 јуни, првиот ден кога билетите беа пуштени во продажба.

Б. НЕСТОРОСКА