Грендмастер Флеш, еден од основоположниците на хип хопот, ќе настапи вечерва во клубот „Станица 26“ во Скопје (21 часот). Џозеф Садлер, како што е вистинското име на Грендмастер Флеш, ќе се претстави со двочасовен диџеј сет, со кој ќе ја проведе публиката низ четиридецениската историја на хип хопот. Настапот што го организираат „3Гонга“ и „SureShotz Entertainment“ е во рамките на неговата турнеја насловена „Хип хоп: луѓе, места и нешта“.
Грендмастер Флеш и неговата група се првите хип хоп уметници кои се примени во Рокенрол куќата на славните, во 2007 година, а тој неодамна ја доби и наградата Полар, што се смета за Нобелова награда во светот на музиката.
Садлер ја почнал кариерата во средината на 1970-ите, прво како диџеј, за потоа да ја оформи својата група „Грендмастер Флеш енд фјуриус фајф“, која издаде култни албуми и ги измисли термините хип хоп и Ем-Си. Тој, исто така, е заслужен за воведувањето на иновативни диџеј техники, кои денес претставуваат стандарди на хип хопот.
Домашна поддршка на Садлер ќе бидат Шорти Пи и Ири Скреч.