ТРПЧЕСКИ ГО ИЗДАДЕ АЛБУМОТ „СКАЗНИ ОД РУСИЈА“ СО ДЕЛА КОИ РЕТКО СЕ СВИРАТ НА ПИЈАНО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Сказни од Русија“ е новиот албум на македонскиот пијанист со светска кариера Симон Трпчески, кој го издаде британскиот издавач „Оникс“, објави „КултурОп“.

Трпчески за овој албум, трет за оваа издавачка куќа, направи внимателен избор од, како што кажа за Македонското радио, „фасцинантна и инспиративна музика од Прокофјев, Мусоргски и Римски-Корсаков“.

„Ова цеде се работеше подолго време, соодветно на мојот концертен распоред и го снимив во два наврата: лани ја снимив ‘Шехерезада‘ од Римски-Корсаков, а во април годинава делата од Прокофјев и Мусоргски. Избрани се дела кои многу ретко се свират на пијано, композиции кои практично се пример за тоа колку огромна може да биде фантазијата на композиторот и, во случајов, инспирирана од сказните, неограничена и апсолутно безусловна“, вели Трпчески.

Пијанистот летоска беше на турнеја во Бразил, Црна Гора, Холандија, Јапонија и во престижни концертни сали во Германија, Финска, Чешка, Ерменија, Велика Британија, Шпанија, Белгија и Романија. Серијата концерти продолжува во Детроит и Сент Луис (САД), а самостоен рецитал во Париз го очекува на 17 ноември. За првпат ќе настапи и во Ташкент, Узбекистан, а во декември го очекуваат настапи во Франкфурт и во познатата сала „Музикферајн“ во Виена.