Лондонски „Тајмс“ даде пет ѕвездички и одлична критика за двојниот албум на пијанистот Симон Трпчески со романскиот диригент Кристијан Мачелару и Симфонискиот оркестар на Западногерманското радио од Келн, Германија, на кој ги изведуваат двата концерта за пијано и оркестар од Јоханес Брамс
За албумот што деновиве го објави престижната британска етикета „Лин рекордс“, критичарот Џеф Браун со воодушевување пишува дека „со него класиката е блескаво освежена“ и подвлекува дека „Симон Трпчески може најпоетично да ги гали клавишите“.
„Извонредната двојка се враќа! Македонскиот пијанист Симон Трпчески и романскиот диригент Кристијан Мачелару, кои претходниот пат нè воодушевија со двата концерта за пијано на Шостакович, сега го прават истото со двата на Брамс. Секое од делата е репертоарски колос, иако со овие музичари и најзаморените слушатели стануваат не само освежени, туку и возбудени. Нивниот успех се должи особено на две поврзани состојки. Една е леснотијата на дуото во меѓусебната музичка придружба, од суштинско значење кога односот пијано-оркестар во овие дела е толку разновиден. Нивната сплотеност, исто така, има полза и од извонредно живописното и будно музицирање на Симфонискиот оркестар од Келн“, вели критичарот на „Тајмс“, Џеф Браун.
Здружението за култура и уметност КултурОп вели дека новото издание на Трпчески е албум на неделата на познатото лондонско радио „Класик ФМ“.
„Оваа снимка на концертите за пијано на Брамс е едноставно божествена. Мачелару и Трпчески имаат извонредна историја на соработка и ако ја слушате текстурата на овој прекрасен Брамс, тоа значи дека пијаното и оркестарот се како едно. Балансот е сосема совршен“, рече водителот Александер Армстронг.