Македонскиот пејач Васил Гарванлиев ќе настапи на првата полуфинална вечер на годинашната Евровизија во Ротердам, Холандија на 12 мај. Со нас во првата вечер ќе се натпреваруваат и: Белорусија, Литванија, Шведска, Словенија, Австралија, Ирска, Русија, Норвешка, Кипар, Хрватска, Азербејџан, Малта, Израел, Украина, Романија и Белгија. Втората полуфинална вечер на 65. издание на Евровизија, е на 14 мај, а финалето е закажано на 16 мај.
Конечниот редослед дополнително го утврдуваат продуцентите на шоуто, велат од Македонската радио телевизија (МРТВ).
МРТВ на 15 јануари го одбра Гарванлиев за национален претставник Евровизија. Триесет и петгодишниот Гарванлиев, кој е дипломиран оперски пејач, стекна слава пред 28 години, кога на фестивалот Златно славејче ја изведе „Марионка“, една од најпопуларните детски песни.

Гарванлиев лани беше еден од придружните вокали на Тамара Тодевска, која се пласираше на седмото место и го оствари најголемиот успех на земјава на Евровизија досега.
Во интервјуто за МРТВ, тој рече дека од ланското искуство смета оти тимот е најважен и дека ќе следи работа на песната со која ќе настапи во Ротердам.