Македонскиот гитарски виртуоз Влатко Стефановски вчера во Амбасадата на САД во Белград ја изведе американската химна „The Star Spangled Banner“.
Стефановски за СМАРТ.СДК.МК вели дека добил лична покана од американскиот амбасадор во Белград, Кајл Скот да настапи на прославата во чест на американскиот национален празник 4 јули.
„Темата на прославата на американската амбасада во Белград беше Вудсток. Целата прослава беше во духот на 50 години од фестивалот Вудсток. Ме најавија дека ќе ја свирам химната во сеќавање на Џими Хендрикс. Ме најавија како најголем гитарист во регионов“, ни рече Стефановски.
Оваа песна е национална химна на САД од 1931, а создадена е во 1814, за време на британско-американската војна. Автор на химната е адвокатот и поет Френсис Скот Киј.
Текстот на химната произлегува од поемата „Одбрана на Форт Мекхенри“ напишана на 14 септември 1814 година од правникот и поет аматер Френсис Скот Ки откако го проследил нападот на тврдината Форт Мекхенри кај Балтимор од британската Кралска морнарица за време на Војната од 1812. Ки бил инспириран од американско знаме со 15 ѕвезди и ленти, големо 9,1 на 12,8 метри, познато како Star Spangled Banner, кое триумфално се веело над тврдината по победата на американските војници.
Б. НЕСТОРОСКА