Рафаел Надал вчера не играше само за титулата на Отвореното првенство на Австралија, туку и за преземање на водството во трката за епитетот најдобар на сите времиња (ГОАТ), ако бројот на освоени гренд слем турнири е главно мерило за тоа. Триесет и петгодишниот Шпанец сега има 21 гренд слем титула, една повеќе од Роже Федерер и Новак Ѓоковиќ, кои не играа во Мелбурн.
Кога Федерер ја освои 15. гренд слем титула на Вимблдон во 2009 и со 27 години го надмина Пит Сампрас, малкумина веруваа дека некогаш некој ќе го достигне. Во тој момент, Надал имаше само шест гренд слем титули, а Ѓоковиќ сè уште ниеднаш го немаше освоено Австралијан опен. Федерер почна да стагнира во 2011, додека Ѓоковиќ земаше замав. Швајцарецот го освои и Вимблдон во 2012, по што чекаше цели четири години на следната гренд слем титула. Многумина почнаа да го отпишуваат додека Надал и Ѓоковиќ полека му се доближуваа. Со победата на Ролан Гарос во 2020, Надал се израмни со Федерер, а потоа им се придружи и Ѓоковиќ, откако освои три гренд слем титули минатата година.
Србинот потоа пропушти две шанси да стигне до рекордната 21. гренд слем титула, откако лани изгуби во финалето на Ју-Ес опен и сега не доби дозвола за влез во Австралија.
Од своите 21 гренд слем титула, Надал освои дури 13 на Ролан Гарос, доминација каква што не е видена во тенисот. Ѓоковиќ има најмногу триумфи во Мелбурн (девет), а Федерер е „кралот на тревата“ (осум). Сепак, Федерер не го постигнал она во што Надал вчера му се придружи на Ѓоковиќ: по двапати да ги освои сите четири гренд слем турнири, бидејќи на Ролан Гарос има само една победа.
Ѓоковиќ има подобар меѓусебен скор во дуелите со Федерер и Надал, но ако се гледаат само гренд слем мечеви, Шпанецот има повеќе победи над двајцата.
Надал е далеку зад Ѓоковиќ и Федерер во бројот на поминати недели на врвот на АТП-листата. Иако не играше во Мелбурн, Ѓоковиќ денеска ја почна 357. недела како светски рекет број еден, Федерер е на 310, а Надал на 209.
Ако се гледаат сите АТП-титули, Федерер е втор во историјата со 103, додека Ѓоковиќ е единствениот играч кој ги освоил сите девет Мастерс турнири и е рекордер со 37 триумфи.
Имајќи ги предвид сите овие факти и докази, возможно ли е да се издвои еден ГОАТ?