ЌЕ ЈА ЗАВРШАМ КАРИЕРАТА АКО МОРАМ ДА ИГРАМ СО ИНЈЕКЦИИ ВО СТАПАЛОТО, ВЕЛИ НАДАЛ

Париз, (Би-Би-Си)

Рафаел Надал не сака да продолжи да игра ако и натаму му требаат анестетички инјекции за да ја смири хроничната болка во стапалото. Триесет и шестгодишниот Шпанец вчера ја освои 14. титула на Ролан Гарос, иако вели дека не го чувствува левото стапало.

Надал прими повеќе инјекции во два нерва за време на Ролан Гарос, каде што го зголеми сопствениот рекорд на 22 освоени гренд слем титули и стана највозрасниот шампион во историјата на турнирот. Тој вели дека не планира да игра на претстојниот Вимблдон ако не го реши проблемот и истовремено ја доведе својата тениска иднина во прашање.

„Очигледно е дека во вакви оконости не можам и не сакам да играм“, кажа Надал.

Тој страда од синдромот Милер-Вајс, ретка дегенеративна состојба која ги напаѓа коските во стапалата.

„Играв со инјекции во нервите за да ми го вкочанат стапалото. Немам чувство во стапалото и затоа лекарите можеа да ми стават анестетички инјекции во нервите. Ќе одам на Вимблдон само ако телото ми биде подготвено. Ако можам да играм со антиинфламатори, добро, но нема да играм повторно со анестетички инјекции“, кажа Надал.

Ако третманот со радиофреквентна аблација не биде делотворен, Надал можеби ќе оди на операција.

Минатата година, Надал стравуваше дека неговата кариера е готова поради оваа состојба и предвреме ја заврши сезоната.

„Ролан Гарос е Ролан Гарос, сите знаат колку многу ми значи овој турнир и инјекциите ми беа единствената шанса да играм“.