ПАНДЕВ ОДБЕЛЕЖА ДВЕ ДЕЦЕНИИ ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА СО ПРВИОТ ГОЛ НА МАКЕДОНИЈА НА ЕВРОПСКИТЕ ПРВЕНСТВА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Горан Пандев вчера го постигна првиот гол на Македонија на европските првенства и во исто време стана вториот највозрасен стрелец во историјата на натпреварувањето. Пандев го даде израмнувачкиот гол на средбата со Австрија на возраст од 37 години и 321 ден, пред Македонија да изгуби со 1:3.

Рекордер останува бившиот австриски репрезентативец Ивица Вастиќ, кој на ЕП 2008 ја затресе мрежата на Полска кога имаше 38 години и 257 дена.

Пандев на дебито за репрезентацијата во 2001 и вчера на дебито на европските првенства (Фото: ПА/ЕПА)

Овој погодок е уште еден историски момент во придонесот на Пандев за македонскиот фудбал и никој не го заслужи повеќе од него. УЕФА на Твитер потсети дека Пандев дебитираше на европските првенства точно 20 години од неговиот прв настап за македонската репрезентација, што се случи во јуни 2001, на дуелот против Турција во квалификациите за Светското првенство во Јапонија и Јужна Кореја.

Пандев, за кого светските медиуми сакаат да истакнат дека е седум години постар од својата земја, вчера го одигра 120. натпревар и го постигна 38. гол во националниот дрес.