ПОКРЕНАВМЕ ДОНАТОРСКА КАМПАЊА ЗА ДА ИМ ПОМОГНЕМЕ НА КОЛЕГИТЕ НАСТРАДАНИ ВО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ, ВЕЛИ МАЈА БАБИЌ, ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА „ИВАП“, АСОЦИЈАЦИЈАТА ЗА ОРГАНИЗИРАЊЕ НАСТАНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
Асоцијацијата за организирање настани (ИВАП) покрена донаторска кампања за тринаесетте музичари кои настрадаа во во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март. За оние кои се лекуваат и за семејствата на настраданите може да се донира на страната ecrowd.mk. 
„Преку ‘Асоцијацијата на ивент индустрија’ (ИВАП) покренавме донаторска кампања за нашите 13 колеги загинати или повредени во ужасната трагедија во Кочани, за Андреј, Панчо, Сара, Ана, Ѓорѓи, Филип, Александар, Игор, Александар, Мартин, Стево, Горан и Виктор. Нашата индустрија е изградена врз тимска работа, доверба и меѓусебна грижа. Време е да покажеме дека стоиме еден покрај друг, не само во моментите на успех, туку и тогаш кога е најтешко. Во оваа група има музичари, фотограф, тонец, компанија која изнајмува опрема, технички лица. Сите ние ја делиме истата пасија, а тоа е да создадеме магија на сцена. Дел од нив лично ги познавам. Со Сара и Ана требаше да ги почнеме пробите за ‘Глумците пеат’, со Игор Жути ги работевме доделувањето на наградите БЕАМ пред неколку недели, Стево (Штеф) има компанија за изнајмување опрема и заедно се боревме во короната“, вели Маја Бабиќ, претседателка на Асоцијацијата.
Бабиќ, која заедно со нејзината сестра Ира Бабиќ ги одложи двете претстави на шоуто „Глумците пеат“ вели дека треба да покажеме заедништво и да не дозволиме оние кои се на лекување и семејствата на починатите да се сами во оваа битка.
„На нивните деца и семејства сега им треба поддршка. Свесна сум дека нашата акција е можеби финансиски симболична, но човечки огромна. Сочувствуваме со колегите и нивните семејства. Ова е страшен период за сите и затоа решивме да направиме нешто за нив. Покажуваме дека како колеги сме тука и во добро и во лошо“, ни рече Бабиќ.
Млади кочанчани отворија ја страницата supportkocani.com која е наменета за донации за семејствата на настраданите во пожарот.
М. ЏАРОВСКА