ПРЕД 15 ГОДИНИ СНИМАВ ПЕСНИ ВО СКРИВНИЦА, СЕГА ЈА ЖИВЕАМ ШАНСАТА, ВЕЛИ СЛАТКАРИСТИКА ПРЕД КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со слична фотографија како онаа од 2009 година, кога излезе албумот „Слаткаристика будало“, Марко Маринковиќ-Слаткаристика го најавува концертот „Хип-хоп еволуција“, кој ќе се одржи на 16 март во „Евент центар“ во Скопје.

Пред 15 години, со колегите од хип-хоп сцената одржа концерт на тогашниот Скопски саем наречен „Хип-хоп револуција“. Салата беше полна и се бараше билет повеќе, а имаше публика од сите генереции, меѓу нив и родители дојдени со своите деца.

„Марко пред 15 години беше дете што бараше и доби шанса, а Марко денес е момче што ја живее истата. Се сеќавам на студиото во скривница во нашето маало Ново Лисиче, а во него јас и диџеј Че заглавени како бегалци, го снимаме албумот, за подоцна да го преработиме кај Јован Јованов во студио“, се сеќава Слаткаристика.

Од локален рапер, тој стана многу популарен уште по првиот албум, а особено по концертот на Саем, каде што, меѓу другите, му гостуваше и Да Џака Накот од „Легијата“, една од првите македонски хип-хоп групи.

„Се подготвуваме со бендот, а специјални гости ќе ми бидат Тони Зен и ‘2 Бона’. Со Тони ја одбележавме претходната деценија, а со ‘2 Бона’ оваа“, вели Слаткаристика.

Фотографија од првиот албум на Марко Маринковиќ-Слаткаристика пред 15 години, „Слаткаристика будало“

Музичарот додава дека ако погледне назад, сега подобро се живее од музика, во однос на времето кога почнувал.

„Зависи за кого. За мене, се живее подобро сега, затоа што верувам дека утре нѐ чека многу подобра и поголема шанса од вчера, но немаме сите ист ментален склоп“, кажа Маринковиќ.

Сега, тој има своја продуцентска куќа, „Иноватива“, а долго време, негов менаџер и продуцент беше Јован Јованов. На прашањето кој му бил најтежок период во кариерата, Слаткаристика вели:

„Моментот кога ми заврши договорот со Јованов и основањето на ‘Иноватива’ беше исклучително тежок. Почнуваш одново, користиш сѐ што си научил, но во пракса, не е баш така како што си начул“.

За концертот на 16 март, Маринковиќ, кој е татко на Моша кој се роди во 2020 и сопруг на поранешната Мис на Македонија Сања Николиќ, вели дека очекува дел од старата публика од Саем, но и многу нова.

М. ЏАРОВСКА