Tеатарскиот хип хоп проект „Црнила ремикс“, по идеја и режија на Јордан Симонов, месецов ќе има две изведби во салата Фросина во Младински културен центар (МКЦ). Изведбите се најавени за денеска во 20 часот и за 31 мај во 20 часот. Проектот во јули ќе се изведе на фестивалот Егзит во Нови Сад.
„Црнила ремикс“ е едно поразлично видување на класичното драмско дело на Коле Чашуле ставено во контекст на урбан хип хоп албум.
„Ова е музичко-драмски перформанс со несекојдневен пристап, кој низ оригиналниот препев и музика на ‘Зад Аголот’ нè носи во еден нов сублимат помеѓу драма и хип хоп супкултура“, велат од МКЦ.
Во претставата играат Стефан Вујисиќ, Александар Михајловски Хонда, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Ненад Анѓелковиќ, Сања Арсовска и Павле Димковски. Сценограф и костимограф е Илина Ангеловска, а графичкиот дизајн е на Бисера Михајловска.