ПРОФЕСОРОТ ОД ГАНА КОЈ СТАНА ИНТЕРНЕТ СЕНЗАЦИЈА ДОБИ КОМПЈУТЕРИ И ОТИДЕ НА ОБУКА ВО СИНГАПУР

Акра, (Си-Ен-Ен)

Опремен само со табла и со талент за цртање, професорот од Гана Ричард Апија Акото ги собра симпатиите на светот со начинот на кој им предава информатика на своите ученици. Во услови кога немаше компјутер, тој со цртање им објаснуваше како работи „мајкрософт ворд“. И така секој ден.

Приказната сега доби продолжение: во основното училиште „Бетанесе“ во градот Секједумасе на југот на Гана пристигнаа неколку компјутери и лаптопи, донирани од поединци и организации.

На покана од „Мајкрософт“, Ричард Апија Акото учествуваше на Образовната програма на компанијата во Сингапур

Акото сега може да предава како вистински професор по информатика, а откако „Мајкрософт“ вети дека ќе му обезбеди полна обука, тој отпатува за Сингапур на годишна Образовна програма на компанијата. Технолошкиот гигант му вети и дополнителна помош во професионална опрема.

Училиштето беше без компјутер од 2011 година, а учениците на Акото мораа да полагаат национален испит, што вклучува и прашања по информатика и комуникациски технологии, за прием во средно училиште.

„Господ да ве благослови сите“, кратко се заблагодари Акото на Фејсбук.