На 21 јануари од 19 часот, во Кинотеката на Македонија ќе се одржи промоција на книгата „Гледна точка“ на режисерот, продуцент и сценарист Јани Бојаџи.
„Дали навистина сум таков на работа на сет или пак можеби не сосема? Со нетрпение чекам да видам дали е така како што сум пишувал“, вели Бојаџи во најавата на промоцијата.
Водител на настанот ќе биде Александар Русјаков, а искуства ќе споделат и неколкумина актери, сниматели и монтажери, соработници на Бојаџи. На промоцијата ќе биде прикажан трејлер за новата ТВ-серија „Утре наутро“.
Книгата „Гледна точка” зборува за основите на филмската режија, работата на режисерот и за соработката со кинематограферите, продуцентите и актерите. Издавач на книгата е „Или-или“.