РИСИМА РИСИМКИН СЛАВИ 30 ГОДИНИ КОРЕОГРАФСКО ТВОРЕШТВО СО ПРЕМИЕРА НА ОХРИДСКО ЛЕТО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Кореографката, уметничка директорка на Танц фест Скопје и основач на првата компанија за современ танц во земјава Скопје танцов театар, Рисима Рисимкин, слави 30-годишен јубилеј на активно кореографско творештво.

Рисимкин, која изминативе години постави претстави во Кина, јубилејот ќе го одбележи вечерва на Охридско лето, со претставата „Идентитети – историја на еден растегнат сон“, која ќе се изведе од 21 часот во предворјето на „Св. Софија“.

Таа вели дека е среќна што и покрај пандемијата на ковид-19, „успеале да најдат начин на работа и делење на уметноста со нашата публика, што е и есенцијално“.

„Сметам дека 60. издание на манифестација како Охридско лето е вистинскиот начин да се прослави овој јубилеј 30 години активна работа на полето на современиот танц. Посебно се чувствувам поврзана со овој наш фестивал бидејќи токму тука во 1996 година започна Неделата на модерен балет во организација на Интерарт културниот центар, како прва организирана манифестација за современ танц во Македонија, благодарение на слухот и препознавањето на визијата од страна на тогашната селекторка Снежана Чадикова. Се надевам дека публиката ќе ужива во претставата што со толку љубов ја подготвувавме. Се чувствуваме како повторно да го откриваме храмот на уметноста, која, сигурна сум, ќе го спаси светот. Во претставата учествува една извонредна танчарска и креативна екипа на Скопје танцовиот театар, која оваа година ги вклучува Адријана Данчевска, Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Валентино Апостоловски, Бобан Русески и Исидора Краљевска. За првпат како кореографка работам со првенката на Националната опера и балет Мими Поп-Алексова“, вели Рисимкин.

Претставата е во нејзина кореографија и режија, на музика на Тони Китановски, костимите се на нејзиниот долгогодишен соработник Благој Мицковски, а сценографијата ја правеше Матеа Мијановиќ.

Б. НЕСТОРОСКА