Кристијано Роналдо денеска ќе постави уште еден рекорд во својата импресивна кариера, како што ќе стане првиот фудбалер кој настапил на пет европски првенства. Тоа би можело да се случи пред 60.000 гледачи, бидејќи Будимпешта е единствениот град-домаќин на ЕП кој дозволи стадионот да биде исполнет до максимум.
„Не сум оптоварен со овој рекорд. Рекордот е убав, но поважно од тоа е повторно да бидеме европски шампиони. Важно е да почнеме со победа. Ќе биде уживање повторно да се игра пред публика и тимот е подготвен“, изјави Роналдо.
Ако пак постигне гол, тој ќе го надмине Мишел Платини и ќе стане најдобриот стрелец во историјата на европските првенства. Францускиот ас ги даде сите девет гола на едно првенство, во 1984, додека деветте погодоци на Роналдо се распределени на четири, почнувајќи во 2004.
„Сега имаме помлад тим во споредба со 2016 и само на терен ќе може да се види дали е подобар или полош. Што се однесува до мене, и јас не сум истиот играч од пред 18, десет или пет години“, кажа Роналдо, кој има 175 настапи и 104 гола за Португалија.