РОНАЛДО ПОСТАВИ НОВ СВЕТСКИ РЕКОРД СО 111 ГОЛОВИ ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА

Лисабон, (Би-Би-Си)

Со два погодока на синоќешниот натпревар против Северна Ирска, Кристијано Роналдо постави нов светски рекорд во бројот на постигнати голови за репрезентацијата во машка конкуренција. Откако промаши пенал, Роналдо даде два гола со глава во финишот на средбата, негови 110. и 111. за Португалија. Тој го израмни рекордот на Иранецот Али Даеи од 109 голови на Европското првенство летово.

Роналдо дебитираше во дресот на Португалија во 2003, додека Даеи своите 109 гола ги постигна за пократок период, од 1993 до 2006. Сепак, критичарите истакнуваат дека Даеи ја збогатувал својата статистика против далеку послаби противници: 95 од неговите голови се постигнати против азиски селекции.

Роналдо истовремено го израмни европскиот рекорд на Шпанецот Серхио Рамос од 180 настапи за националниот тим. Светскиот рекорд го држи Со Чин Ан, кој одигра 195 мечеви за Малезија во периодот од 1969 до 1984 година, што ова лето беше потврдено од ФИФА.

Вклучувајќи го и женскиот фудбал, апсолутниот рекорд го држи 38-годишната Кристин Синклер со 187 голови и 304 натпревари за репрезентацијата на Канада, со која неодамна стана олимписка шампионка.