СЀ УШТЕ УЖИВАМ ВО ФУДБАЛОТ КАКО КОГА БЕВ МАЛ, КАЖА ЛЕО МЕСИ ПО ОСВОЈУВАЊЕТО НА ШЕСТАТА „ЗЛАТНА ТОПКА“

Барселона, (Би-Би-Си)

Лео Меси сега има една „Златна топка“ повеќе од Кристијано Роналдо, но тоа нема да ги запре дебатите кој е најдобар фудбалер на денешнината.

Свесен дека оваа година нема шанси да ја освои, Португалецот не се појави на свеченоста во Париз, ниту, пак, му честиташе на Меси за шестата „Златна топка“. Ова уследи само неколку месеци откако и ФИФА го прогласи Меси за најдобар светски фудбалер.

И додека Роналдо преживува непријатни денови во Јувентус, Меси и натаму е главен играч во Барселона, со која минатата сезона по 10. пат стана шампион на Шпанија и ја освои „Златната копачка“ како најдобар стрелец во Европа, исто така негова шеста.

„Пред 10 години, кога имав 22 години, ја освоив мојата прва ‘Златна топка‘. Тоа тогаш ми беше нереално. Сега ја примив шестата, во момент што е сосема различен и многу посебен на лично ниво, со моите сопруга, три деца, брат и внук покрај мене. Сѐ уште сакам да напредувам и уживам во фудбалот како кога бев мал. Не ми требаат индивидуални признанија за да продолжам да ги бркам колективните цели. Сфатив дека сум многу среќен човек и пред мене се уште неколку добри години“, кажа Меси.

Тој има освоено 34 трофеи со Барселона и пред неколку дена го одигра 700. натпревар во нејзин дрес.